Судскиот совет одржа јавна расправа за судијата Нанев, но тој не дојде на седницата

Судскиот совет на Република Северна Македонија одржа јавна расправа во врска со постапка иницирана по поднесени барања за одговорност на судијата од Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев.
На седницата, не присуствуваше судијата Нанев, иако барал од Судскиот совет да биде јавна, за да може јавно да се произнесе по наводите.
Претседателката на Комисијата Лорета Георгиева информира дека Нанев поканата ја примил на 8 февруари, но до започнување на денешната расправа не пратил известување.
-Постапките по овие расправи се одвиваат без јавност, но по барање на судијата, Советот ќе одлучи постапката да е јавна. Од страна на судијата по доставување на предметното барање за одговор, истиот се осврнува на наводите во барањето. Истовремено доставува во затворено плико повеќе докази, без конкретно наведена листа на докази и цитирам “изјавата ќе ја дадам усно и овој концепт има значење и може да се користи само со усна изјава”. Истовремено во истиот поднесок судијата, цитирам вели “барам да ми се овозможи да ги повикам претставниците на меѓународната и дипломатска заедница и невладини за да имаат увид во ширењето лаги и невистини”, изјави Георгиева.