Историската комисија беше злоупотребена за политички и партиски цели во двете земји, велат поранешни членови

Двајцата поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, утринава преку писмено соопштение реагираа на последните промени во составот на Комисијата.
Оценуваат оти дел од политичарите, интелектуалците, а особено историчарите, од лукративни и политички причини, но и од незнаење, го прифатиле пристапот од бугарската страна и неаргументирано наметнале впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и прави ревизија на македонската историографија.
Посочуваат оти на овој начин македонското општество влегло во стапицата на, како што велат, националистите во Бугаријаи и нивната намера да наметнат дискусија за овие прашања низ призма на политички интереси.
„Работата во Комисијата, која е експертско, а не политичко тело, за нас беше можност да се помогне во надминување на проблемите кои постојат помеѓу двете држави. Но, поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот копретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји“, пишуваат поранешните членови на Комисијата во соопштението испратено до медиуми.
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нивната работа во Комисијата ја оценија за неаргументирана, обвинувачка и навредлива со која ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според неговите лични погледи. Со иста порака, како што велат, е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој, според поранешните членови на Комисијата, го прогласил ова тело за политичко, кое треба да штити стратегиските надворешно-политички позиции.
„На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна“, се додава во соопштението.
Додаваат оти во јавноста се наметнало уверувањето оти Комисијата треба да биде тело во одбрана на националните интереси, докажување на историски вистини и решавање на историографски прашања.