ВЕСТИСВЕТ

Шестмина работници на ОН меѓу убиените во израелски воздушен напад на училиште во Газа

Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека шестмина нејзини вработени се меѓу убиените во израелски воздушен напад на училиште во централниот дел на Појасот Газа, јавуваат светските медиуми.

Според Агенцијата, станува збор за најголем број жртви меѓу нивниот персонал во еден инцидент од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас пред 11 месеци.

Advertisements

Во меѓувреме канцеларијата за односи со јавност на Хамас објави дека во нападот на училиштето Ал-Џуани во бегалскиот камп Нусејрат, кое се користи како засолниште за илјадници раселени Палестинци, се убиени вкупно 18 лица.

Од друга страна, израелската војска преку соопштение тврди дека извршила „прецизен напад против терористите“ на Хамас, според Тел Авив, планирале напади од училиштето. Според израелските одбранбени сили, од нивна страна биле преземени сите потребни мерки за ублажување на штетата врз цивилите.

Од УНРВА велат дека ова е петти случај како училиштето во бегалскиот камп Нусејрат е цел на израелски воздушни напади во изминатите 11 месеци.

Претходно во јули, според информациите, 16 лица беа убиени во напад, чија цел, како што соопшти тогаш израелската војска, биле неколку објекти во училиштето што ги користеле борците на Хамас.

Групата Хамас, која Израел, Велика Британија и САД ја сметаат за терористичка организација, постојано ги негира тврдењата дека користи училишта и други цивилни објекти за воени цели.

Портпаролот на Обединетите нации, Стефан Дужарик во изјава за медиумите рече дека ОН ги осудуваат сите воздушни напади насочени кон цивили и кон објекти на светската организација.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во објава на социјалната платформа Икс го осуди нападот, оценувајќи го како драматично кршење на меѓународното хуманитарно право.

„Тоа што се случува во Газа е тотално неприфатливо. Училиште адаптирано за засолниште за околу 12 000 луѓе денеска повторно беше погодено во израелски воздушни напади. Шест наши колеги од УНРВА се меѓу убиените. Овие драматични кршења на меѓународното хуманитарно право треба да престанат веднаш“, напиша Гутереш на Икс.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button