Кузеска: Тошковски го ослободил телохранителот на Мицкоски што тепаше полицаец пред Мош

„Со Мицкоски и Тошковси нема ниту правда, ниту одговорност за блиските до ВМРО-ДПМНЕ. Се враќа МВРО-ВМРО на голема врата. Обезбедувањето на Христијан Мицкоски, полицаецот Ивица Бисовски, кој тепаше друг полицаец пред кафе барот Мош во Скопје, Тошковски го ослободил од одговорност“ кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
„Беше поведена дисциплинска комисија, а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави. Се случи спротивно. Тошковски го ослободува Бисовски. Иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободува бодигардот на Мицкоски од одговорност“ истакна Кузеска.
Таа додаде дека Тошковски, кој тогаш велеше дека припадник на МВР ја погазил честа на службите, сега не само што го погазил зборот, туку ја погазил и честа и угледот на цело МВР и на сите полицајци.
„Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој изеде ќотек пред кафе барот Мош воопшто не ви е грижа“ рече Кузеска.