ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Никако да се среди улицата Цветан Димов во Чаир

Никако да се среди улицата Цветан Димов во Чаир

Хаосот во патниот сообраќај на улицата „Цветан Димов“ или позната како улица „Јахја Паша“ е секојдневие, особено во времето кога граѓаните одат и доаѓаат од работа. Неколку пати е ветувано решение за поврзување на главната артерија на Чаир со центарот на Скопје, но состојбата останува иста. Градоналникот на Општина Чаир, Висар Ганиу за Алсат нагласува дека Градот Скопје не само што не ја проширува улицата, туку и ја отежнува состојбата со давање дозвола на објектите и киосците на улицата, што ги има се повеќе.

Advertisements

„Не само што не го поправа патот, туку инвестира за да го отежне функционирањето. Инвестираат во тоа да го отежнат. Видовте на таа улица колку трафики имаат добиено дозволи, колку објекти кои се од привремен карактер, сите се со дозвола од Град Скопје бидејќи ги имаат ингеренциите. Тие прават да ја отежнуваат улицата Цветан Димов, не да изнајдат решение“, рече Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.

Ганиу нагласува дека Општина Чаир е подготвена да ја реконструира улицата со свои средства, но прво Градот мора да се согласи даму ги пренесе надлежностите.

„Ќе одвоиме буџет за да го поправиме тој пат сами, но разбирливо е дека треба да ни ги пренeсе ингеренциите за да го поправиме. Откако ќе го средиме , ќе му ги вратиме на градот Скопје. Подготвени сме да направиме такво нешто, но не знам дали постои волја“, додаде тој.

Во мај 2023 година, Град Скопје издвои 140 милиони денари или приближно 2,3 милиони евра за проширување на улицата. Проектот предвидуваше дека улицата ќе биде готова до мај 2025 година. Сепак, Градот Скопје само 7 месеци подоцна ги повлече парите, со образложение дека биле предмет на извршител поради долгови од претходното раководство на градот на чело со Петре Шилегов.

„Градот Скопје донесе одлука за меѓуопштинска соработка со Општина Чаир за изработка на проектна документација и изградба на улицата Цветан Димов од крстосницата со булеварот „Никола Карев“ до крстосницата „Џон Кенеди“ и улицата „Христијан Тодоровски Карпош“. Градот Скопје треба да учествува со 140 милиони денари со ДДВ. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот на Град Скопје за 2024, 2025 и 2026 година, но Општина Чаир се уште го нема изготвено ревидираниот проект за урбанистичко планирање и од тие причини не може да се даде одобрение за градба”, велат од Град Скопје.

Ганиу, пак, се жали дека со градоначалничката на Скопје нема никаква комуникација. Прашањето за улицата „Цветан Димов“ беше ветено, но не беше реализирано за време на мандатот на претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Во времето на Шилегов беше поставен ѕид со цел да се спречи свртување на автомобилите на средината на патот. Решението, тогаш, беше ветено како привремено, но оттогаш поминаа четири и пол години и ѕидот се уште не е отстранет./Алсат.мк

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button