
По вчерашните натпревари од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига, прволигашите немаат многу време за одмор, затоа што веќе в среда следат нови битки.
На програмата е вонредното седмо коло, во кое пет натпревари ќе се играат од 15:00 часот, а еден ќе започне од 20:00 часот. Но, не тој кој што беше најавен пред скоро еден месец. Пелистер требаше под рефлектори да го пречека Работнички во дербито на колото, но во последен момент натпреварот е презакажан за од 15:00 часот.
Причината е поради фактот што клубот и сопственикот на стадионот, Општина Битола, чекаат на фотометрија и центрирање на рефлекторите за организирање на вечерни натпревари. Исто така недостигаат детали за перфекционизирање на светлото на рефлекторите.
Затоа, од 20:00 часот ќе започне натпреварот на „Тодор Проески“ во Скопје, меѓу Вардар и Силекс. На останатите натпревар од седмото коло ќе се сретнат: Брера – Тиквеш, Гостивар – Шкендија, Шкупи – Беса и Воска Струга Трим Љум.