ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците на СДСМ да го потпишат барањето за Законот за бранителите да се стави на дневен ред на собраниската Комисија

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на Комисијата, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
– Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка и очекуваме одговор дали пратениците на СДСМ ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на Комисијата Илире Даути не свика седница, ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација.
Заземавме став како пратеничка група да почекаме одговор до 15:30 часот денес, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција во законодавниот дом.
Ја повика пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска јавно да го соопшти ставот на партијата по однос на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка, кој претходно беше поднесен од страна на Петровска.
– Во спротивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат ова барање без поддршка и потписи од пратениците на СДСМ, со што практично ќе се види нивната вистинска намера за политизирање, рече Митева.
Предлог законот за бранители предизвика бројни реакции, како во македонскиот, така и во албанскиот политички блок.