Таравари: Односите меѓу ВЛЕН и ВМРО се коректни

СДСМ бара од партнерите од владината коалиција да ги запрат внатрешните конфликти и да се заложат за реализација на ветеното. Овој став доаѓа ден по првиот јавен судир меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за законот за бранители.
Пратеникот Халил Снопче изјави дека за ВЛЕН повеќе нема место во владата доколку се одобри законот за бранители и се укине законот за јазици. Мицкоски му посака среќа. Претседателот на Алијанса за Албанците , Арбен Таравари од престојот во САД изјави дека односите меѓу коалициските партнери се добри, но дека можеби има недоразбирања во партиските структури.
„Можам да кажам дека односите меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ се сосема коректни, на ниво на партиски лидери. Нормално имаме партиски структури. Можеби некаде имало мало недоразбирање, што не можам да го кажам истото за ЗНАМ и ВЛЕН… Се трудиме овие 100 дена да бидеме колку што е можно усогласени, сепак, некаде имаше недоразбирања, некаде имаше настапи кои не беа како што треба координирани, затоа е потребно време за целосна синхронизација и тоа ќе го забележат и граѓаните“, рече Таравари.
И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владината коалиција е стабилна.
Односот меѓу коалициските партнери неколкупати беше во фокусот главно поради нивни позиции за прашања со етничка позадина.
Фатлуме Дервиши