Давкова: На Договорот со Бугарија може да му пристапиме на друг начин

Сиљановска-Давкова одговарајќи на ова прашање во интервју за државната агенција МИА, го повторува нејзиниот став дека во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија нема одредба која вели дека треба да се смени Уставот и не може ниту да има бидејќи, како што вели, тоа „се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори“.
Според неа, ако се тргне со почитување на темелните вредности и принципи на уставното право на Европската Унија, тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.
Претседателката на државата, говорејќи во оваа насока, вели дека не може историјата, културата и јазикот да бидат предмет на разговор.
„Тогаш ние што правиме, всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот“, вели таа во интервјуто за МИА.