Мицкоски: Ова не се преговори, ова е диктат!

Тоа што земјава останува блокирана на европскиот пат за премиерот Христијан Мицкоски е лоша порака којашто се праќа до нашите граѓани. Како што рече тој денеска, во одговор на новинарско прашање, како држава веќе имаме направено многу работи коишто не се барале од ниту една членка или земја кандидат и оти без сериозни гаранции не може да правиме дополнителни отстапки.
Нагласи дека сегашната поставеност на работите во однос на нашето членство е диктат и оти тој својот став го пренел и на средбите во Брисел.
„За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел – не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман и затоа ја споделив идејата, ајде да разогвараме, немојте со диктат, не не условувајте со диктат, јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение“, нагласи Мицкоски.
Инаку, Мицкоски на Албанија ѝ посака успех во понатамошниот пат до полноправно членство во Европската Унија, откако извори од Брисел излегоа со тврдење дека Албанија на 15 октомври ќе одржи Меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе ги отвори преговорите по Кластерот 1.