
Десничарската суверенистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ) победи на австриските парламентарни избори, но малку е веројатно дека ќе добие мандат за формирање влада, со оглед на тоа што другите партии одбиваат да влезат во коалиција со неа.
Партија на слободата на Австрија (FPÖ) ја освои наклонетоста на гласачите критикувајќи ги мерките за време на пандемијата на коронавирус, миграциските политики и особено критикувајќи ја воената помош за Украина и санкциите против Русија.
„При формирањето на владата мора да се почитуваат основите на либералната демократија, а тоа се: владеењето на правото, независното судство, човековите и малцинските права, независните медиуми и членството во Европската унија“, изјави австрискиот претседател Александар Ван дер Белен навстувајќи ги најавите дека мандатот за формирање на владата нема вообичаено да го даде на победничката партија, туку на оние сили за кои тој самиот смета дека може да состават влада.
Австрискиот претседател рече дека во следните денови „ќе биде јасно кој со кого ќе работи и што сака за Австрија“. Ван дер Белен, кој го дава мандатот за формирање влада, пред изборите не криеше дека тешко дека ќе им го додели мандатот за формирање влада на суверенистичките „слободарци“.
„Сигурно нема да поддржам партии кои се длабоко антиевропски и кои ја поддржуваат Русија во војната против Украина за формирање на владата“, изјави Ван дер Белен пред неколку дена.
Второпласираната Австриска народна партија (ÖVP), која е на власт заедно со Зелените во последните четири години а претходно беше во владејачка коалиција токму со FPÖ, претрпе голема загуба на гласови во споредба со последните избори, освојувајќи 26,3 отсто или 11,1 отсто помалку од пред четири години.