
На Блискиот Исток растат стравувањата дека Израел ќе изврши копнена инвазија на Либан, по вчерашната изјава на министерот за одбрана Јоав Галант дека се прегледува безбедносната ситуација на северот на земјата.
Ети Хигинс, заменик-претставник на УНИЦЕФ во Либан, изјави за „Би-би-си“ Радио 4 дека илјадници луѓе ги напуштаат јужните предградија на Бејрут, упатувајќи се кон области кои би можеле да им понудат некаков вид на безбедност. Таа предупреди дека дури и основните здравствени услуги се сè понедостапни и дека резервите на вода за пиење се трошат со голема брзина.
Навестувања за ескалација беа забележани и вчера во областа Северна Галилеја, долж границата со Либан, каде што Израел распоредува тенковски единици. Во исто време продолжуваат воздушните напади врз јужните предградија на Бејрут, а операциите беа обновени во сирискиот регион Хомс. Во исто време Израел го затвори својот воздушен простор до 31 октомври, а по атентатот на лидерот на Хезболах Хасан Насрала во петокот, потврди дека е убиен и Набил Каук, еден од водачите на либанската милитантна група.