„Вреди“ за застарувањето на казната на Груевски во „Тенк“: Ова е уште една шајка на Ахмети во ковчегот на неправдата

За партиите на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“, која е дел од владејачкото мнозинство, главен виновник што Никола Груевски нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“ е Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Според коалицијата, ДУИ со директна интервенција во измените на Кривичниот законик (КЗ) во септември лани овозможила на поранешниот премиер и, како што велат, омилен политичар на Али Ахмети, да му застари уште една затворска казна.
„Ова е уште една шајка на Ахмети во ковчегот на неправдата која неговиот режим ја инсталираше 22 години. После срамната спогодба на ‘абазиското обвинителство’ со Иџет Мемети, ова криминализирано раководство издејствува уште една амнестија. Ова фијаско на фаулираниот правен систем е уште една потврда за вирусот на Ахмети инсталиран во правосудството со години, каде што нивните моќници изградија заштитен ѕид околу себе, спасувајќи се меѓусебно од правосудна одговорност“, се вели во реакцијата на „Вреди“.