Уште едно обвинение за Рамиз Мерко

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, денес заработи ново обвинение, за незаконско поставување на директор во Основното училиште во селото Радолишта. Обвиненението кое го поднесе Основното јавно обвинителство Струга се однесува за несовесно работење во службата.
ОЈО-Струга:
„Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12.01.2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа“.
Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период и биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето. Ова е петто училиште за кое Мерко се товари по истиот основ. Веќе се водат судски процеси за Основните училишта во селата Велешта, Подгорци, Лабуништа и Браќа Миладиновци во Струга. Ова е осмо обвинение против Рамиз Мерко.
Против него се води и судски процес за набавклата на луксузното Ауди А6 од 67000 евра и уште три други автомопбили за општинските потреби. Судот на рочиштето на 2 септември за овој предмет не го прифати барањето на адвокатот на Мерко, обвинението да се отфрли, затоа што поминале 5 години од дејствието. Мерко е трето обвинет и во случајот во кој се обвинети 11 физички и едно правно лице во врска со бесправно градење на објект кај еден струшки хотел.
ОЈО Струга:
„Во јули 2019 донел одобрение за градба со кое на инвеститорот му овозможил да изгради и да се стекне со имотна корист – недвижност, односно дополнителен кат на објектот со отворена галерија и тераса, со вкупна бруто површина од 513 м2 и проценета вредност од 781.527 евра. Со ова тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања“.
За овој предмет судењето се уште не е започнато. Американскиот Стејт департмент го стави Мерко на црната листа поради обвинувања за корупција, злоупотреба на јавни средства и мешање во судски постапки. Од Јавното обвинителство за Алсат рекоа дека ниту едно од обвиненијата не е застарено. Адвокатот на Мерко, Игор Петковски вчера рече дека во случаите против Мерко не постои кривична одговорност по ниту еден услов.
Мики Трајковски