Соочување на Апасиев и Џафери во Уставниот суд

Во Уставниот суд се одржа јавна расправа по барањето на лидерот на партијата „Левица“, Димитар Апасиев, кој тврди дека бил дискриминиран поради неговата политичка определба од поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Џафери го одбил неговото барање граѓаните да се изјаснат на референдумот за францускиот предлог кој предввидува внесување на Бугарите во Уставот. Откако судијата известител Осман Кадриу даде детали за случајот, Апасиев пред судот рече дека Џафери ја злоупотребил службената положба и службеното овластување зашто иако бил обврзан, неговото барање да го испрати до Комисијата на разгледување, тоа не го сторил.
Џафери прво се обрати до Уставниот суд на албански јазик, и оцени дека станува збор за дискриминација, но откако судиите нагласија дека не предвиделе дека Џафери ќе бара преведувач, и оти моат да се погрижат да ангажираат двајца преведувачи, Џафери како што рече од почит кон судот, продолжи на македонски јазик. Поранешниот спикер категорично ги отфрли тврдењата на Апасиев дека имал намера да го дискриминира политички.
Според него, Апасиев го пречекорил рокот за доставување дополнителни материјали и затоа го одбил барањето. На седницата имаше и моменти на тензија, особено кога во еден момент Апасиев му кажа на Џафери дека во Собранието се однесувал како султан, што Џафери го доживеа како навреда. Во друг момент, претседавачот Дарко Костадиновски и судијката Ана Павловска Данева истакнаа дека имале впечаток дека Џафери нема доверба во судот. За барањето на Апасиев, Уставниот суд треба да одлучи на една од следните седници.
Суад Бајрами