Пандов: Еден затвореник ја чини државата 10 илјади евра годишно
Пандов: Еден затвореник ја чини државата 10 илјади евра годишно

Повеќе од 10 илјади евра на годишно ниво плаќа државата за еден затвореник кој издржува затворска казна затвор, изјави денеска директорот на управата за извршување на санкции Александар Пандов. Тој посочи дека доколку се изрекуваат повеќе условни наместо затворски казни ќе се намалат трошоците, но и ќе се намали пренатрупаноста на затворите. Електронските алки пак кои треба да ги носат затворениците кои се на условна казна и натаму не се пуштени во употреба.
“Еден затвореник во Македонија сега нас помалку или повеќе, повторно ќе речам зависи од затвор до затвор, е околу 2.000 денари или 35 евра, тоа е на годишно ниво над 10 илјади евра еден наш затвореник да чини. Секако дека кога би се изрекувале условни прекини, кога би се изрекувале и тоа ќе зборуваме околу алките, оние коишто веќе десет години се чекаат да бидат ставени во функција. Јас сум оптимист дека ако не до крајот на годината, до крајот на следната ќе бидат ставени во функција”, рече Александар Пандов, директор на управата за извршување санкции.
Судијката Билјана Коцевска од Основниот кривичен суд Скопје зборувајќи на оваа тема вели дека во државата постојат механизми како да се контролираат условните казни.
„Имаме начин и можност да вршиме надзор над однесувањето на осудените лица во времето на проверка, така да доколку не ги исполнуваат обврските во тој случај се отповикува условната осуда, така да, верувам дека на тој начин навистина сите ние ќе придонесиме да го смениме општиот впечаток во јавноста дека условно осудените останале неказнети„, рече Билјана Коцевска,судијка од Кривичен суд Скопје.
На денешниот настан за надминување на предизвиците со затворската пренатрупаност во организација на здружението Млади правници, Пандов исто така рече дека во иднина се очекува целосно ново притворско одделние за вкупно 400 лица во затворот Идризово. Тој не ја прецизираше точната бројка на затвореници во секој затвор поединечно, но истакна дека во земјава моментално има околу 50 лица кои издржуваат доживотни казни./Алсат.мк
Михајло Донев