Вкусен десерт, чоколадна торта со вишни


Алсат
07.05.2020 08:20
Едноставна, лесна за подготовка чоколадна, торта во комбинација со вишни.
Состојки
Кора
100гр. путер (на собна температура)
2/3 шолја шеќер (шолја од 250мл)
2/3 шолја брашно
1/3 шолја какао
2 жолчки
1 лажица рум
1 ампула ванила
1/2 пециво
прстофат сол
5-6 лажици млеко
Чоколаден крем
200гр. темно чоколадо
200+100мл. слатка павлака
1 лажица рум
5гр (1/2 пакување) желатин + 2 лажици вода
Дополнителни состојки
6-7 лажици сок од вишни по потреба вишни (од компот, свежи или замрзнати)
Подготовка
1. Путерот треба да ви е на собна температура, мек. Ставете го во сад за матење, додадете го шеќерот, матете додека шеќерот не се растопи, смесата стане светложолта и воздушеста. Во сад на страна додадете ги сувите состојки. Просејте ги брашното и какаото, да нема грутки. Додадете го пецивото, солта и ванилата. Во садот за матење додадете ги една по една жолчките и матете додека смесата не се спои. Исклучете го миксерот, продолжуваме со шпатула. Додадете ги сувите состојки и румот и внимателно мешајте со шпатулата додека смесата не се изедначи. Млеко додавајте постепено и по потреба.
2. Сад (пожелно калап со прстен) со дијаметар 20см, убаво премачкате го со путер и распоредете ја смесата рамномерно. Ќе видите и од сликите, прилично е густа, така треба да биде. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220С, а кога ќе ставите намалете на 180С. Печете 30-35мин, проверете со чепкалка. Оставете да се излади комплетно.
3. Чоколадото ситно исечкајте го и ставете го во подлабок сад. Во сад на оган ставете 200мл. слатка павлака да се загрева, не треба да ви зоврие. Пред вриење тргнете од оган и полијте го чоколадото во садот. Оставете некоја минута па промешајте со лажица додека не добиете мазен ганаш. Додадете го румот. Оставете нека се лади, на собна температура.
4. Кога тестото е изладено, избоцкајте го со вилушка и полијте го со сокот од вишни. Јас користев купен компот од вишни, па го искористив тој сок. Може и со домашна вишновка, но разблажете малку со вода. Ако користите свежи или замрзнати вишни, имајте предвид дека течноста што ја пуштаат е покисела, па или разблажете со малку вода или додадете малку шеќер. Вишните убаво и густо наредете ги во 1 ред врз кората.
5. Во сад за матење изматете ги преостанатите 100мл. слатка павлака во цврст шлаг. Ставете дел од изладениот ганаш во садот и мешајте внимателно со шпатула. Посетепено додавајте од ганашот. Желатинот растопете го со водата и оставете да набабри. Потоа затоплете го на пареа. Во садот со кремот додавајте го желатинот и мешајте со шпатулата истовремено. Ќе добиете мазен чоколаден крем. Распоредете го во калапот врз вишните, израмнете убаво и тортата ставете ја во фрижидер да се стегне убаво. Декорирајте по желба.