Дурмиши: Доколку не ги донесовме мерките, цените на храната ќе се зголемуваа

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши смета дека цените на основните прехранбени производи ќе биле многу повисоки доколку не била донесена есенската потрошувачка кошничка, односно одлуката за ограничување на бруто-профитната маржа.
Тој вели дека со есенската кошничка и мерката „Помалку трошоци – повеќе за тебе“ и инфлацијата е на стабилно ниво.
„Да не беа овие одлуки, цените ќе имаа уште поголем раст. Според информациите што ги имаме, сега инфлацијата е 2,6 отсто, што е стабилно ниво. Ако не беа овие одлуки, и инфлацијата ќе беше поголема и ќе имавме раст на основните прехранбени производи“, рече Дурмиши денеска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.
Во однос на Законот за нефер трговски практики, кој стапи во сила на крајот на минатиот месец, Дурмиши рече дека бенефитите од него ќе ги има кога трговците ќе ги потрошат резервите.