ДКСК го затвори предметот за патувањето на синот на Мицкоски во САД

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован, сам си платил и за авионските карти и за хотелското сместување во САД во јули, односно неговото патување на НАТО-самитот не било платено со владини пари, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на денешната седница информира дека го затвора овој предмет.
Согласно добиената документација од Владата, во државната делегација за НАТО-самитот имало 21 лице, претставници од канцеларијата на премиерот, од министерствата за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, амбасадата на Македонија во Вашингтон и од постојаната делегација на Македонија во НАТО. Авионските билети ги резервирала владината Служба за општи и заеднички работи, и тоа за 21 лице од списокот на кој не било наведено името на синот на премиерот, соопштија од ДКСК.
Од Антикорупциската комисија констатирале дека Јован Мицкоски престојувал во апартмани, а не во хотелите каде што била сместена државната делегација, а фактурите за сместувањето во апартмани биле на име на физичко лице. Синот на премиерот не бил дел од официјалната делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на неговиот татко.
Фотографија од посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, на која можеше да се види и неговиот постар син, во јули годинава беше тема на партиски преписки. Фотографијата ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс, каде што беше посочено дека македонскиот премиер, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.