Државен врв: Битќи против препреките за европска интеграција

Не случајно македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се избореа антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова во својот говор по повод празникот 11 октомври – Денот на народното востание. Сиљановска во говорот потсети на борбата за независна држава која се водела во минатото, но нагласи и дека сегашните генерации треба да продолжат да се борат против актуелните предизвици.
– Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време. Против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. Треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на нашата европска интеграција, но и против обидите за кривотворење на нашата историја и бришење на нашата колективна меморија, вели Сиљановска.
Претседателот на собранието Африм Гаши, повика на обединување на сите граѓани во битката за подобро утре.
– На овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската и беспоштедната борба на борците за слободa на нашата држава. Без оглед на влогот, пречките и потешкотиите на кои наидуваа во нивната борба, тие опстоија и се изборија за слободата во која живееме денес, рече Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка порача дека денеска кога се одбележуваат 83 години од пркоста и желбата за слободна Македонија, народниот дух на непокор и натаму е движечка сила за подобро утре.
“Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет“, рече Мицкоски.
Во своето обраќање до јавноста, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, честитајќи го празникот направи паралела за битката која се водела во минатото против фашизмот и сегашните цели и предизвици.
“Ако тогашната битка беше за слобода и човечки правдини, денешните битки се за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија. Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на ЕУ. Европската иднина на нашата држава е стратешка цел на новата генерација и никој нема право да и ја одземе на граѓаните“, рече Филипче.
И оваа година во Собранието беше доделена наградата „11 октомври“, а овојпат им беше врачена на мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Мисајловски за животно дело во областа на културата и уметноста.
Михајло Донев