Министерството за култура исплаќало средства за проекти, без јасно дефинирани критериуми

Неправилности и неусогласености во работењето на Министерството за култура утврдил Државниот завод за ревизија во конечните ревизорски извештаи за работата на ресорното министерство.
Со ревизијата биле констатирани недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура. Констатирано е дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што како што се наведува, создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите.
„Во 2023 година, Министерството за култура исплатило вкупно 318.152 илјади денари за одобрени проекти на други корисници, што ја нагласува итната потреба за јасни правила и критериуми во распределбата на средствата. И покрај приоритетот за реформи во оваа
област, предлогот за нов закон, кој би можел да го подобри системот, сè уште не е усвоен, се наведува во соопштението во кое е даден и подетален табеларен преглед по секоја дејност од областа на културата на други корисници поединечно“, се вели во соопштението од ДЗР.
Во рамките на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, Министерството за култура поддржало 74 од 185 апликации за интердисциплинарни проекти, што претставува 40% од предлозите, со вкупна исплата од 22.185 илјади денари.
„И покрај тоа што интердисциплинарната дејност не е формално дефинирана во Законот за култура, Министерството продолжува да финансира проекти надвор од утврдените категории, што не е во согласност со Законот за културата. Поради финансиски договори кои дозволуваат финансирање на повеќе од два проекти од едно правно лице, како и недостигот на целосна документација и евалуација за измените на договорите, се загрозува транспарентноста и правичноста во распределбата на средствата. Овие недостатоци отвораат простор за неправилности и фаворизирање на одредени проекти во интердисциплинарните активности“, наведува извештајот.