Училиштата во Карпош без греење

И покрај тоа што грејната сезона почна, осум основни училишта во Општина Карпош следат настава без парно греење. Градоначалникот на Општината, Стевчо Јакимовски, бара од Владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8,3 милиони денари, додека министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека парите за греење во училиштата се исплатени на сите општини, а останува на градоначалниците, школите и директорите да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.
Јакимовски тврди дека Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило доволно средства за функционирање на училиштата во Општина Карпош, а одговорноста за тоа, според него, е на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според Јакимовски, минатата година Општината издвоила шест милиони денари за децата да не останат без греење, затоа што, како што вели, Владата не сакала да ги плати сметките.
Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Таа е на став дека на општините им се исплатени блок дотациите, а на градоначалниците, школите и директорите им останува да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.