Советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат општинските буџети, вели Мицкоски за финасирањето на академијата на науките на Албанците

Во Македонија постои една Академија на науките и уметностите е ставот на Владата, на ВМРО-ДПМНЕ и на академиците од различни етнички заеници, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за вчерашната најава на градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, што доаѓаат од редовите на владејачката коалиција „Вреди“, за финансиска поддршка за Здружението на граѓани „Академско здружение за науки и уметности на Албанците“.
За тоа дали советниците во тие општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласаат општинските буџети за поддршка на таков проект, премиерот рече дека таков буџет советниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат намера, ниту пак ќе гласаат во рамките на советите.
„Како што слушам во медиумите тоа е здружение на граѓани. Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации, туку за инфраструктурни проекти, како нови училишта, градинки, булевари, спортски сали, паркови и да се креираат услови за младите и Македонци и Албанци и останати што ја напуштија државата, да се вратат назад“, рече тој.
Посочи дека не би сакал да разговара за теми што поларизираат или етницираат, но додаде дека дел од опозициските партии во Парламентот ќе го покачат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема.
„Жалам што се одбираат вакви теми за политички пораки, наместо она што го очекуваат од нас граѓаните. Останувам да работам за доброто на сите граѓани без разлика на етничката припадност. Ќе поддржам проекти што ќе значат подобро образовение, подобро здравство, подобри услови за водење бизнис, нови училишта, нови градинки, спортски сали и успеси со кои ќе ја промовираме државата низ светот“, вели Мицкоски.