Дали МОН потполно ќе ги одземе ингеренциите на Мерко во образование?

Рамиз Мерко повеќе нема да може да поставува директори во основните училишта Св. Климент Охридски во селото Дрслајца и „Гоце Делчев“ во селото Подгорци. Министерството за образование му ги одзеде ингеренциите за овие две училишта. Дали ова е само почеток на целосно одземање на ингеренциите во образованието на Мерко, од ресорното министерство ниту негираат ниту потврдуваат. Ова доаѓа по серијата обиненија против Мерко за незаконско поставување на директори но и по вонредните инспекциски контроли минатата недела во струшките училишта.
Министерство за образование:
„Одземени се ингеренциите на градоначалникот на Струга, над две основни училишта по основ на нереализирани обврски кои произлегуваат од закон. Ненавремено објавување огласи за избор на директори и именување на директори кои не ги исполнуваат условите за вршење на должноста. Во двете училишта поставени се нови в.д. Директори“.
Ваква одлука требала да биде донесена многу порано велат од БЕСА и ВМРО ДПМНЕ.
„Ова решение го сметам за оправдано но за задоцнето, бидејки со овој проблем нашите граѓани се соочуваат години наназад. Појавата на мешање на политички влијанија врз изборот на директори особено во училишните установи, како сфера е посебно деликатна и затоа треба да се пронајде решение, изборот на овие кадри да биде што подалеку од политичкиот фактор и политичкото влијание“, рече Фатмир Емуш-советник од Движење Беса.
„Убедени сме дека секаде онаму каде што ќе се докажат неправилности, сето тоа ќе биде исправено и соодветни санкционирано. Се надеваме дека и во други училишта ќе бидат одземени ингеренциите, затоа што уште на неколку места се забележани сериозни неправилности“, рече Никола Кукунеш-советник од ВМРО ДПМНЕ.
Против Мерко веќе се водат судски процеси за незаконски поставување директори во училиштата во селата Велешта, Подгорци, Лабуништа и Браќа Миладиновци. Неодамна Основното јавно обвинителство поднесе обвинение и за незаконско поставување на директор во училиштето во селото Радолишта.Против Мерко во моментот се активни осум обиненија. Тој повторно на обвинителна клупа треба да седне на 21 октомври,кога продолжува судењето за именувањето на директори.
Мики Трајковски