Мицкоски за писмото до ЕУ: Сѐ уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег

Се уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на писмото што беше најавено дека ќе се испрати до ЕУ со предлог-решенија за деблокада на процесот на евроинтеграциите.
-Замолувам за малку трпение. Избрзани чекори се секогаш би рекол лош потег, можеби треба малку да исдигестираат работите за да можеме со ладна глава да отспиеме и да донесеме вистинска одлука. Се е во оптек. Патувам викендов во Австрија, ќе бидам дел од еден настан во Салцбург, потоа ќе имам средби со високи претставници на австриската Влада и австриското општество, претседателот, министерот за надворешни работи. Таму знаете имаше скоро и избори па во тек е формирање на нова влада, ќе видиме како ќе биде со актуелниот премиер, потоа доаѓа претседателката на ЕК, па имаме Европска политичка заедница состанок во Будимпешта на 7 ноември, така што нека се направи една анализа да видиме како сето ова ќе функционира. Ако успееме на овој начин да ја постигнеме целта јас не би брзал со носење, рече Мицкоски.
Во однос на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, Мицкоски кажа дека постојат за жал земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности.