Јотова ги повика македонските власти на поголемо разбирање на европските вредности

Северна Македонија да има подлабоко разбирање за европските вредности и да ги почитува човековите права и правото на изразување, повика потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
Неприфатливо, според бугарската потпретседателка, е една земја да толерира непочитување на човековите права и газење на правото на изразување. Додаде дека пристапните преговори со ЕУ нема да бидат завршени доколку некоја земја смета дека не се почитуваат човековите права на претставниците на различни народи и етникуми.
Се осврна и на Договорот за добрососедство со Бугарија, за кој рече дека наместо имплементација, се оди во спротивна насока на тоа добрососедство.
„Агресијата е непростлива, не само вербална, туку и кога насилството маскира упорен и длабоко погрешен концепт и, уште повеќе, неуспехот да се имплементираат веќе преземените меѓународни обврски“, рече Јотова.