Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче
Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Велибор Манев и Боре Видевски рекоа дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски му кажал на Љупчо Палевски во колку часот Вања ќе излезе сама за да оди на училиште, сведочеше денеска пред судот Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во МВР. Исцрпното неколкучасовно сведочење на Димовски одеше во таа насока дека Александар со своите постапки укажувал на тоа дека има информации за исчезнувањето на Вања. Димовски пред судот објаснуваше дека Александар набргу по исчезнувањето на Вања се движел кон Качанички пат, токму како и возилото Цитроен со кое е грабната Вања. Според Димовски, токму Александар му испратил слики од движењето на сомнителното возило и му рекол дека можеби се вмешани лица кои не се од Скопје.
„Постојано комунициравме со родителите на Вања, а Александар ме брифираше со информации. Ми прати и слики од возило, за кое рече дека е сомнително и треба да го провериме. Тој рече дека можеби е вклучено постаро лице од друг град, можеби од Охрид или од Велес, посебно го потенцираше Велес. Подоцна, по проверка, ми се јавија да ми кажат дека тоа возило е всушност велешкиот цитроен„, рече Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во МВР.
Спред одбраната на Александар, конкретни докази за негова вмешаност во случајот нема, а тврдењата на сведокот се само претпоставки за неговото однесување.
„Исказот на овој сведок е и како што самиот кажа, дека однесувањето на Александар му останало само на ниво на сомневање. Потврди дека не успеал да обезбеди ниту еден релевантен доказ, кој би одел во насока да тој биде обвинет. Изнесе некои работи за кои јас не знам ни дали е спроведена постапка во таа насока„, рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на обвинетиот Александар Ѓорчевски.
Во својот исказ Димовски зборуваше и за начинот на кој е извршен претресот во партијата Десна, приведувањето на обвинетиот Влатко Кишишов, како и за начинот на кој тој ги однел до телото на убиената Ѓорчевска, детали кои ги слушнавме и во исказот на неговиот екс колега Музафер Каришиќ од претходното рочиште. Началникот рече и дека ниту една камера не ги фаќала скалите од влезот на Вања, па поради тоа полицијата е сигурна дека таа не се движела пешки.
За убиството на Панче Жежовски, Димовски рече дека велешанецот Велибор Манев ги однел до неговото тело, откако претходно Кешишов и кажал на полицијата дека и Манев е вмешан во делата.
Покрај Димовски, кратко сведочење пред судот имаше и чичкото на мајката на Вања, Митре Лазаров. Тој рече дека набргу по настанот, бил информиран дека Вања ја нема и со својот велосипед се упатил да ја бара во центарот на Скопје. Трагајќи по Вања го здогледал Александар во полициски автомобил кој исто така бил дел од потрагата и во тој момент Александар му рекол дека ако Вања е убиена ќе се убие и тој.
Однесувањето на Александар го опиша како чудно. Со ова заврши иденешното судење, а судијата Ивица Стефановски следното рочиште го закажа на 13-ти ноември./Алсат.мк