
Разрешувањето на економските директори во здравствените клиники му заштеди на Министерството за здравство повеќе од 250 илјади евра за три месеци. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека наскоро во управниот одбор на Клиничкиот центар можеби ќе има три до пет директори, но без да даде повеќе детали за нивната улога и профил. Покрај платите, економските директори имаа и дополнителни трошоци кои многу го чинеа Министерството за здравство.
„Не сме направиле никакви калкулации, но нема сомнеж дека сме заштедиле. Имавте 40 дополнителни директори кои земаа плата од приближно 2000 евра, замислете плус другите трошоци што ги имаа. Значи ова е процесот што започна, ги отстранивме директорите и сега се движиме кон интегрирање на Клиничкиот центар и еве гледате имаше 64 директори, сега има 32 директори, а наскоро ќе има 3 или 5 во одборот на директори на Клинички центар“, вели Таравари.
Таравари вели дека во клиниката не недостигаат економски директори, бидејќи работниот процес продолжува исто, но според него се заштедуваат повеќе пари кои отсега ќе бидат наменети за лекови, апарати и за условите на клиниката.
„Тоа е еден вид заштеда да купиш лекови или да инвестираш некаде во некое одделение, тоа не се малку пари. Дали забележавте недостаток на економски директори? Воопшто не, напротив, мислам дека клиниката работи многу подобро“, додава Таравари.
На 14 август Собранието ги изгласа измените на Законот за здравствена заштита со кои се укинаа позициите економски директори во државните болници. Со измените се укинаа над 40 работни места во сите државно-здравствени институции .Со ова, според образложението што Владата го даде на Собранието при носењето на законот, ќе се заштедат над 2 милиони евра од државниот буџет. Најголемите злоупотреби на клиниките беа правени токму преку економските директори. Повеќето од нив ги зголемија коефициентите за своите позиции за да добијат поголеми плати. Еден од нив во период од една година ја зголемил платата надвор од колективен договор за 400 илјади денари, додека друг се унапредил спротивно на законот.
Линда Ебиби