Дали министерот за правда лично се согласил за помилувањето криминалци и наркобосови, прашува Кузеска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има дрскост да тврди дека „не знаела“ за криминалните досиеја на „интересни ликови“, а одговорноста ја префрли на Комисијата за помилување, наместо веднаш да ја повлече одлуката за помилување на осудените криминалци и наркобосови. Ова денеска на прес-конференција го посочи Богданка Кузеска, портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), посочувајќи дека последниот збор за помилувањата го има токму Сиљановска-Давкова, а комисијата дава само мислење.
„Одлуката е исклучиво нејзина. Ова го потврди и член на Комисијата, кој недвосмислено ја лоцира одговорноста кај претседателката“, вели портпаролката Кузеска.
Во овој скандал, посочи таа, клучна е улогата на Министерството за правда, а министерот од Движењето ЗНАМ треба да одговори на прашањето дали е дадено позитивно мислење за помилување на криминалци и наркобосови.