Израел изврши прецизни напади врз воени цели во Иран
Израел изврши прецизни напади врз воени цели во Иран

Долгонајавуваниот израелски контранапад врз Иран се случи ноќта меѓу петокот кон саботата. Израелската војска објави дека биле извршени „прецизни напади“ врз воени цели во Иран.
„Како одговор на повеќемесечните континуирани напади на режимот во Иран против Израел, токму сега израелските одбранбени сили изведуваат прецизни напади врз воени цели во Иран. Режимот во Иран и неговите застапници во регионот немилосрдно го напаѓаат Израел од 7 октомври – на седум фронтови – вклучително и директни напади од иранска територија“, рече портпаролот на израелската војска Даниел Хагари.
Како и секоја друга суверена земја во светот, како што истакна Хагари, Израел има право и должност да одговори.
„Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани. Ќе направиме се што е потребно за да ја одбраниме државата Израел и народот на Израел“, заклучи Хагари.
Портпаролот на израелската армија предупреди од натамошна ескалација по завршувањето на нападот врз Иран. „Доколку режимот во Иран направи грешка и започне нова ескалација, ние сме должни да одговориме. Нашата порака е јасна: секој кој и се заканува на државата Израел и се обидува да го вовлече регионот во поширока ескалација ќе плати висока цена“, рече Хагари.
Ограничени напади
Иранските државни медиуми известија и за повеќе експлозии во главниот град Техеран. Нуклеарните и нафтените капацитети не биле цел на нападите кои исклучиво бил насочени кон воени цели.
„Напаѓаме работи кои би можеле да ни се закануваат во минатото или би можеле да го направат тоа во иднина“, додаде претставник на израелските вооружени сили./dw