НАТО потврди дека севернокорејски трупи се борат за Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека воената алијанса потврдила дека севернокорејските трупи влегле во руската област Курск, која граничи со Украина.
Говорејќи во Брисел, денеска (28 октомври), Руте го нарече потегот „значајна ескалација“ на руската инвазија врз Украина и рече дека тоа го покажува „очајот“ на рускиот претседател Владимир Путин по губењето на повеќе од 600.000 војници во војната.
Деновиве Ројтерс јави дека Северна Кореја испратила 3000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да следат уште илјадници.
Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија јужнокорејските пратеници за новинарите откако беа информирани од националната разузнавачка агенција.
„Знаци на обука на војници во Северна Кореја беа откриени во септември и октомври. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, изјави по брифингот, Парк Сун-вон, членка на парламентарната комисија за разузнавање.