Во Владата, два става за правичната застапеност
Во Владата, два става за правичната застапеност

Партнерите од владината коалиција даваат различни позиции за случувањата околу новиот предлог закон за правична застапеност. Министерот за јавна администрација Горан Минчев изјавува дека се уште не видел нацрт-закон подготвен од коалициониот партнер ВЛЕН. Според него, евентуалното решение може да доведе до две насоки, целосно нов закон или вградување на одредби за правична застапеност во предложените нови закони за реформи во јавната администрација. Минчев рече дека се уште не е формирана работна група и дека не треба да се избрзува со решение.
Но, од ВЛЕН велат дека постои работна група а членува токму Минчев. Според пратеникот Халил Снопче, предлог-законот постои, но не се исклучува можноста за негово менување, во зависност од тоа кое ќе биде најдоброто решение.
„Постои работна група. Не сум ја слушнал изјавата на министерот, но знам дека министерот е член на таа работна група. Не само што има работна група составена од претставници на ВЛЕН, претставници на ВМРО-ДПМНЕ, а како што знам претставник на ЗНАМ е министерот Минчев, туку оваа работна група досега има одржано две средби и процесот е на пеглање на сите позиции. Рековме дека има нацрт верзија но не ја исклучуваме можноста да има сосема нова верзија која ќе го реши овој проблем“, рече Халил Снопче, ВЛЕН.
Откако Уставниот суд ги укина законските одредби и механизмот за правична етничка застапеност во администрацијата, ВЛЕН најави нов, според нив, подобар закон. Каков и да е предлогот на владата, тој прво ќе биде испратен на евалуација до Венецијанската комисија. Уште еден законски предлог за правична застапеност најави и Европскиот фронт./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши