
Светските лидери и меѓународните хуманитарни организации изразуваат загриженост околу испораката на помош во Газа, откако изралескиот парламент (Кнесетот) вчера изгласа закон со кој ја забрани работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА).
Критикувајќи ја одлуката на израелскиот парламент, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш вчера вечер порача: „Нема друга алтернатива за УНРВА“, пренесуваат светските агенции.
Според него, со ваквата одлука на Агенцијата на ОН ѝ се забранува да спроведува било каква активност во Израел, вкучително и во областите во анектираниот Источен Ерусалим, Појасот Газа и окупираниот Западен Брег, пишува британски „Гардијан“.
Гутереш го повика Израел да постапува согласно обврските кои произлегуваат од Повелбата на ОН и меѓународното право, посочувајќи дека националното законодавство не може да ги промени тие обврски.
Новиот израелски закон, кој треба да стапи на сила во следните 90 дена, се очекува да доведе до затворање на штабот на УНРВА во Источен Ерусалим, што ќе доведе до блокада на испораката на хуманитарна помош во Газа преку преминот „Рафах“, на границата со Египет. Законот забранува издавање дозволи од страна на Израел за влез и работа на персоналот на УНРВА и координација со израелската војска околу испораката на пратките хуманитарна помош.
„Овој закон ризикува да ја направи суштинската работа на УНРВА за Палестинците невозможна, загрозувајќи го целиот меѓународен хуманитарен одговор во Газа и испораката на суштинската медицинска и образовна помош на Западниот Брег“, изјави британскиот премиер Кир Стармер, изразувајќи сериозна загрижност за законот на Кнесетот.