
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека на средбата во Брисел, како дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина на 24 октомври, не е постигнат напредок кога станува збор за спроведувањето на Договорот за нормализација од 2023 година, но дека е оптимист кога станува збор за напредок по некои други клучни прашања.
„Минатата недела бев домаќин на уште една рунда дијалог со посредство на ЕУ на ниво на главните преговарачи, со фокус на подобрување на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, особено преку спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација од 2023 година. Иако не направивме пробив по ова прашање, оптимист сум во однос на одреден напредок за некои други клучни прашања, кои ќе ги следиме во наредните недели“, напиша Лајчак на Фејсбук, сумирајќи ја изминатата недела.