Мицковски разговарал со поранешниот претседател на Врховниот суд во Хрватска, Хорватин
Мицковски разговарал со поранешниот претседател на Врховниот суд во Хрватска, Хорватин

Премиерот Мицковски разговарал со поранешниот претседател на Врховниот суд во Хрватска, Бранко Хорватин и му предложил повеќе идеи за реформи во домашното правосудство, изјави денеска Мицкоски, начнувајќи ја темата за тоа како во пракса Владата планира да ги спроведе долгонајавуваните промени во овој сектор. За него главна причина за лошиот рејтинг на судиите и обвинителите е претходната власт и најави промени, но не одговори што конкретно ќе се случува со судскиот совет, за кој бараше и целосно распуштање.
„Добив многу квалитетни идеи во делот на реформи во правосудството и во текот на следната недела очекувам веќе да имаме оперативна средба со министерот и со луѓето коишто се дел од оваа работа и да почнеме веќе да работиме. Најпрвин ќе започнеме од судскиот совет, па потоа советот на јавни обвинители, се до оној момент додека не го ослободиме судството и обвинителството октроирани од партиските стеги на ДУИ и на СДСМ. (Реизбор во судскиот совет?) Ќе видиме, допрва ќе размислуваме„, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Токму Хорватин, беше на чело на тимот експерти од оценската мисија на ЕУ минатата година кога судскиот совет доби негативна оценка за работата и беа дадени 17 препораки за унапредување на праксата и саботењето на советот. Спроведувањето на овие препораки пак, како и целосно нов закон за судски совет, се дел и од реформската агенда на Владата која пред една недела доби поддршка од Брисел и беше оценета како доста амбициозна. Правосудните реформи во агендата вклучуваат целосно нови закони и за работата на обвинителите.
„Реформите вклучуваат ревидирање на процесите на регрутирање, селекција, именување, оценување, унапредување, трансфер и разрешување на судии и обвинители поддржани со усвојување на новиот закон за јавно обвинителство и новиот закон за советот на јавни обвинители во согласност со ЕУ стандардите и препораките на Венецијанската комисија„, се вели во Извештај на ЕК за реформската агенда на Северна Македонија.
Понатаму, агендата вклучува и целосна операционализација на автоматизираниот систем за управување со случаи до 2026 година, со што целосно би се елиминирално рачното доделување предмети, а уште една клучна цел која треба да се постигне со овие ова е и намалување на заостанатите предмети на крај на година во судовите и јавните обвинителства. Сето ова според агендата треба да се реализира до 2027 година, а новиот закон за судски совет би требало да биде готов до јуни следната година. За трансформација на правосудните органи власта зборува уште од почетокот на својот мандат, а до неодамна на маса беше и ставот за целосно распуштање на судскиот совет и советот на јавни обвинители. Сепак, како што поминува времето се чини дека овие институции нема да бидат распуштени, туку преку реформи и нови закони ќе се бара начин за унапредување на нивната работа./Алсат.мк
Михаило Донев