Шефот на Делегацијата на Европската Унија ги повтори критиките на Брисел и побара земјата да спроведе реформи во областа на судството и корупцијата
Шефот на Делегацијата на Европската Унија ги повтори критиките на Брисел и побара земјата да спроведе реформи во областа на судството и корупцијата

Северна Македонија има амбиција за придвижување кон пристапните преговори со ЕУ, но треба да ги усвои уставните измени, изјави евроамбасадорот Микалис Рокас. Првичната анализа на Министерството за европски прашања за оценките на ЕК во извештајот е дека земјава бележи напредок.
„Кога претседателката на Европската комисија беше тука, таа даде многу јасна и недвосмислена порака. Цитирам „ Имаме јасна цел, да се отвори класетерот основи, речиси сме стигнати дотаму. Знаеме дека се работи за уставните измени кои вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата дека ќе се обединат и ќе го преземат тој решителен чекор“,рече Микалис Рокас, евроамбасадор.
Ваквиот став на Рокас доаѓа по гласините дека во Собранието наскоро може да започне процедурата за уставни измени, без претходно одобрение и дијалог со Бугарија. Оваа опција ја отфрли и премиерот кој рече дека би било наивно да се почне постапка која не дава решение.
Амбасадорот Рокас и порача на земјата да ги спроведе 120-те препораки на Европската комисија, со акцент на корупцијата и владеењето на правото.
„Истовремено, Северна Македонија треба да продолжи да ги спроведува неопходните реформи за интеграција во ЕУ, особено во кластерот Основи, во судството, борбата против корупцијата, организираниот криминал. Треба да се зајакне довербата во судскиот систем. Корупцијата треба да добие недвосмислен епилог, вклучувајќи целосна истрага, гонење и конечно казнување на случаите на висока корупција“, рече Микалис Рокас, евроамбасадор.
Министерот Орхан Муртезани изјави дека сега најтешкиот дел е спроведувањето на препораките на ЕК, што Владата се обврзува да ги направи.
„Мојата прва прес-конференција како министер беше токму на оваа тема, на која предупредив дека ИПА и евроинтеграциските структури се под минималниот капацитет за справување со предизвиците за успешна имплементација. Истата појава ја гледам и сега кога формирам структура и се интензивира процесот на координација на институциите за спроведување на реформската агенда. За ова разговаравме неколку пати на владината седница. Оваа структура дефинитивно треба да се зајакне, но треба да се зајакне со стручен кадар кој ќе може директно да се ангажира“, нагласи Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Европската комисија го објави извештајот пред два дена, а нејзините забелешки воопшто не се разликуваат од оние од минатата година./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши