ВМРО-ДПМНЕ бара Советот на јавни обвинители да ја отповика Димитриеска од член на Управниот одбор на АСЈО

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реакциите во врска со назначувањето на претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска и на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска за членови на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), што според партијата е незаконски и со тоа се врши директен упад во Академијата.
Откако пред два дена од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рекоа дека Судскиот совет наместо да назначи судии за членови на Управниот одбор на Академијата тој одлучил на оваа позиција да постави свој член, денеска од партијата велат дека и Советот на јавни обвинители тргнал по стапките на Судски.
„Наместо за член на Управниот одбор на Академијата да предложи и назначи член од редовите на обвинителите, Советот ја назначил неговата претседателка, Душица Димитриеска. Ова е класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители и флагрантно кршење на законските норми“, се вели во соопштението од владејачката партија.
Повикувајќи се на членот 44 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, оттаму велат дека во него јасно е прецизирано дека избрано или именувано лице не смее да биде член во орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал.
Во случајов, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претседателката на Советот на јавни обвинители, е именувано лице и таа не смее да биде во Управниот одбор на Академијата којашто треба да ги произведе идните генерации на судии и јавни обвинители.
И двата случаи, односно назначувањето на Димитриеска и Димовска, според ВМРО-ДПМНЕ, „мирисаат“ на политичка вмешаност од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија.