Доктор Пановски до граѓаните: Издржете до пролет, за да не загинете пред крајот на битката со Ковид

Пет специјални фрижидери со капацитет да мрзнат до минус 80 степени целзиусови за чување на вакцините против ковид-19 се очекува месецов да пристигнат во Македонија. Тие се донација од американска фондација, а Министерството за здравство уверува дека ќе има и дополнителни вакви магацински капацитети преку донации. Останатата инфраструктура за вакцинацијата е подготвена, операторите веќе имаат т.н. студени соби и возила за студен синџир на дистрибуција на вакцините. И здравствените работници ќе добијат посебен тренинг како да вакцинираат, односно за земањето, дозирањето и растворањето.
Министерство за здравство
„Преку СЗО во нашата земја ќе стигнат и уште 3 фрижидери на -30 и два фрижидери на -80 степени. Така дополнително ќе се зголеми капацитетот за чување вакцини. За вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира.“
Првите 800.000 дози вакцини преку Ковакс механизмот се очекува земајва да ги добие до почетoкот на февруари. Потоа, преку директна спогодба со компанијата „Фајзер“ и донација од Канцеларијата на делегацијата на ЕУ се очекуваат уште две пратки по 800 илјади вакцини. Тоа, според здравствените власти, се доволни за колективен имунитет. Професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски вели дека клучно е граѓаните „да издржат“ до пролетта, оти со вакцинацијата и повеќето време поминато на отворено, потешко ќе оди преносот на вирусот. Сепак, враќањето на живот без здравствени протоколи е далеку.
„Напротив треба да се издржи, иначе џабе ќе биде сè што сме правеле до сега, тоа е како во Втора светка војна во ‘45-та во мај да загинете…“
Со оглед на тоа што што бројките на новозаразени сигнализираат дека ситуацијата со ковид-19 се смирува, министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека е можно определено олабавување на мерките, првично за подолго работно време на угостителските објекти. За тоа последниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести, но не пред 20 јануари.
Alsat