Градежните работи на патот Елбасан- ГП Ќафасан, кај Струга, се одвиваат според предвидената динамика

Градежните работи за проширување на патот Елбасан – граничен премин Ќафасан, кај Струга, кој е дел од Коридорот 8, се одвиваат според планираната динамика, објави албанскиот премиер Еди Рама.
-Овој патен правец се смета за еден од најважните во државата, пат кој ќе ги поврзува Драч-Елбасан-Либражд-Ќафасан, за да продолжи понатаму кон Северна Македонија и Бугарија. Од инвеститорот беше побарано изградбата да ја подели во неколку фази, со што реализацијата на работата ќе биде пофлексибилна, како од менаџерска, така и од економска страна, напиша Рама на социјалните мрежи.
Патот Елбасан-Ќафасан е од категоријата Б, со четири ленти, по две од секоја страна, со разделници и сите параметри на патот, и со минимална брзина на движење од 110 километри на час. Предвидена е изградба на бајпас во Елбасан, со цел да не се влегува во градот.
Релацијата Ќафасан – Елбасан во должина од 50,12 километри која се возеше за час и половина, со новиот автопат патувањето се скратува на 35 минути.