ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дрим и Радика полни со вода, но поради сушата слаб истек од Охридското езеро

Интензивните врнежи од дожд го полнат коритото на реката Црни Дрим, но истекот на вода од Охридското езеро преку Дрим, кај браната во Струга е минимален. Тој изнесува околу 2 метри кубни вода во секунда. Од Електрани на Македонија додаваат дека Албанија засега нема побарано од нашата земја да го намали количеството на вода кој оди на албанска страна за евентуално на тој начин да се ублажат поплавите кај Скадар.

Advertisements

ЕСМ:

„До пред една недела езерото беше на минимална вредност што се покажа како одлична состојба за спречување на штетното влијание од поплавите.“

Денеска нивото на Охридското езеро е на 693,15 метри надморска височина што е за 60 сантиметри под максималната кота од 693.75 метри. Од Електрани додаваат дека и во наредниот период акумулациите ќе може да примаат вода без потреба да ја испуштаат и со тоа нема да се загрозува подрачјето по течението на Црни Дрим. Охридското езеро се наоѓа на 18 сантиметри под просечната кота за овој период, а Дебарско езеро е на 15 метри под котата на прелив.

ЕСМ:

„Во наредните денови очекуваме намалување на дотеците, прво поради прекинување на дождот и второ поради пад на температурите и намалување на топењето на снегот кое сега е интензивно.“

Актуелно големи количини вода носат некои од притоките на Црни Дрим. Радика со околу 100 метри кубни вода во секунда изминатово деноноќие носи сè пред себе. Инаку, поради обилните врнежи од дожд, забранета е водата за пиење од градскиот водовод во Дебар и Струга поради нејзино заматување.

Miki Trajkoski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button