Правда подготви нацрт закон за Судски совет

Од утре почнуваат јавни стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на законот за судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда, најави денеска министерот за правда Игор Филков. Министерот рече дека во повеќето јавни дебати кои треба да се одржаат ќе бидат консултирани експерти од областа на првосудството со цел и тие да дадат свое мислење.
„Ова ќе биде еден од неколкуте настани коишто ќе следат периодов, планирано е некаде до крајот на декември месец да го завршиме процесот, што значи дека ќе имаме една дебата неделно. Очекувањата се големи, заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судски совет. Знаете дека вие дискусии нема да бидат површни, тие ќе бидат сеопфатни и многу темелни. Се надеваме дека ќе земат учество сите“, рече Филков.
Реформите во судството со акцент на судскиот совет и советот на јавни обвинители се реторика на владата уште од почетокот на својот мандат, а наместо распуштање како што најавуваше премиерот ќе следуваат реформи како и нов закон за судскиот совет. Како што стои и во реформската агенда на Владата која доби зелено светло од Европската Комисија целосно нов закон за судскиот совет треба да биде готов до јуни следната година, а законот треба да биде базиран врз основа на мислењето од Венецијанската мисија како и според препораките на Оценската мисија на ЕУ од декември минатата година.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, повторно беше нотирано дека нема напредок во зајакнувањето на независноста на судството и подобрувањето на правната рамка, а препораките одеа во насока дека судскиот совет мора да ја зголеми транспарентноста во процесот на одлучување, додека Советот на јавни обвинители да обезбеди јавно образложение за своите одлуки.
Михајло Донев