
По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот.
ЕК во извештајот предвидува раст на БДП во 2024 година на 0,9 отсто на ниво на цела ЕУ и од 0,8 во Еврозоната. За следната година се прогнозира економски раст од 1,5 проценти во ЕУ и 1,3 отсто во Еврозоната, додека за 2026 година се проценува зголемување на БДП од 1,8 отсто на ниво на целиот блок и од 1,6 проценти во еврозоната во 2026 година.
Во однос на стапката на инфлација се предвидува нејзино намалување на ниво на ЕУ на крајот на годинава од ланските 6,4 на 2,6 проценти, а во следните две години се прогнозира нејзино натамошно намалување на 2,4 отсто во 2025 и 2,0 проценти во 2026 година.
Извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис оцени дека постојаното закрепнување на економијата на ЕУ, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст во следната година со зголемената потрошувачка, благодарение на зајакнувањето на куповната моќ, рекордно ниската невработеност и очекуваниот раст на инвестиции.