
Она што меѓу редови го најави пред неколку дена, вчера го оствари – Олгун Ајдин не е повеќе сопственик на македонскиот прволигаш Шкупи. Турскиот бизнисмен клубот од Чаир го презеде во 2018 година и го врати во врвот во мак-фудбалот, но дојде време за разделба. Тој тоа го направи со заедничка вечера со останатите членови на управата на Шкупи.
„Претседателот Олгун Ајдин најави заминување од Шкупи преку заедничка вечера со своите вработени. Истиот предупреди на такво нешто веднаш по натпреварот со Вардар, а тоа веќе ја доби вистинската форма.
Олгун Ајдин го презеде клубот од Скопје во 2018 година, а веќе во првата сезона обезбедивме излез во Европа. Со Олгун Ајдин како претседател, Шкупи покрај тоа што играше пет последователни сезони во Европа, во 2022 ја освои шампионската титула, враќајќи го трофејот на Чаир по 21 година. Ова се бројките кои говорат за успесите на нашиот клуб под водство на претседателот Олгун Ајдин, кој во понеделникот преку видео снимка го најави своето заминување“, стои во соопштението на Шкупи.
Засега нема информација кој ќе го преземе раководењето на клубот кој во мандатот на Ајдин беше шампион во сезоната 2021/22.