
Елиф Елмас заработи повреда на самиот почеток од претпоследниот дуел од Лигата на Нации со Летонија. Тој не настапи на последниот дуел со Фарските Острови, а по враќањето во Германија врз Елиф беа извршени детални лекарски прегледи што донесоа разочарувачки информации за нашиот репрезентативец. Станува збор за кинење на мускул на ногата и предвидената пауза е околу шест седмици, што практично значи дека Елмас нема да може да се врати на терените до крајот на оваа календарска година.
Божиќните празници традиционално носат и пауза во елитното германско фудбалско друштво, Бундес-лигата ќе продолжи на 12 јануари и се очекува Елмас да биде „фит“ за дуелот на домашен терен со Вердер.
Сепак, останува прашањето дали Елиф дотогаш ќе остане член на Лајпциг, ако се земе во предвид премалата минутажа што ја добива од тренерот Марко Росе од стартот на сезонава. Јасно е дека Елмас сака да замине во клуб каде повеќе би играл, а најзагреани за неговите услуги моментно се турските гиганти Фенербахче и Галатасарај.