Сите луѓе со сини очи имаат заеднички предок


Алсат
27.04.2020 08:39
Истражувачите од Универзитетот во Копенхаген неодамна дошле до многу интересен заклучок – сите луѓе кои имаат сини очи потекнуваат од заеднички предок.
Тие сметаат дека буквално сите луѓе во минатото имале кафени очи, но дека пред околу десет илјади години настанала генетска мутација којашто придонела денеска на Земјата да има и луѓе со сини очи.
Ова го тврди професорот Ханс Ајберг од отсекот за молекуларна медицина од Универзитетот во Копенхаген, кој вели дека со оваа мутација дошло до промена во нашите хромозоми, односно генот OCA2, и тоа довело до менување на бојата на очите кај луѓето.
Овој OCA2 ген во себе го содржи протеинот P кој влијае на создавањето меланин – пигмент кој им дава боја на косата, кожата, но и на очите. Во процесот на мутација, дошло до намалување на меланин во шареницата, односно, исчезнала кафената боја, а останала само сината.
Од друга страна, пак, истиот тим научници смета и дека ако меланинот целосно исчезне или се уништи, тогаш луѓето не би имале ни боја во косата. А токму ова е причината што некои луѓе имаат целосно бела боја на косата и продорно сини очи. Секако, станува збор за албино луѓето.
И зелената боја на очите може да се објасни на сличен начин, односно намалена количина на меланин во шареницата на окото. Во овој случај во шареницата сепак има повеќе меланин отколку кај луѓето со сини очи.
Истражувањето за бојата на очите започнало уште во 1996 година, а било спроведено на синооките луѓе во Јордан, Турција и Данска. Според професорот, мутацијата на кафеавата во сина боја не се смета ни за позитивна, ниту за негативна појава, едноставно, промена која се случила како резултат на промената на начинот на живот на луѓето и средината во којашто се наоѓале.