
Министерството за одбрана на САД нема информации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје на територијата на Украина, изјави синоќа Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон.
„Не сме изненадени од ажурирањето на руската нуклеарна доктрина. Тоа е нешто на што тие алудираа… во последните неколку недели. Ова е истата неодговорна реторика што ја забележувавме и претходно, и, искрено, во последните две години. Ова е нешто што ќе продолжиме да го следиме. Но, немаме никакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје на територијата на Украина и не гледаме потреба да правиме промени во нашата сопствена нуклеарна позиција“, изјави Синг на прашање од новинар.
Синг не се согласи со изјавата на поранешниот претседател Доналд Трамп дека последните настани го доближиле светот до Трета светска војна.
„Што се однесува до коментарите за ескалацијата и за можноста за поголема војна, не се согласуваме со тоа мислење. Сметаме дека Русија самата ја ескалираше оваа војна, вклучувајќи повеќе од 11 000 војници од Северна Кореја“, изјави Синг.