Потрошувачката кошничка поскапа за 772 денари во споредба со минатиот месец

Вредноста на минималната синдикална кошничка за месец ноември изнесува 62.021 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Во однос на вредноста на синдикалната кошничка за месец октомври е забележан пораст од 772 денари. Од ССМ посочуваат дека вредноста на минималната кошничка за месец ноември, во однос на јануари, која изнесуваше 57.163 денари, е зголемена за 4.858 денари, односно за 8,5%.
Овој пораст всушност го чувствуваат и самите граѓани. Велат дека со приходите што ги имаат едвај стигнуваат до крајот на месецот.
„Ја земам пензија 150 евра. Што да правам, не се доволни, но што да правиме. Така доаѓа животот, многу скап. Бев во Италија три месеци. Во Италија е многу поевтино од овде. Овде е многу скапо, високи се цените. Платите не се зголемуваат. Платите се зголемуваат по 2.000 денари и пензиите, а цените се удвоени“, реагираат граѓаните.
Како што се наведува во соопштението на ССМ, трговците немаат почит кон граѓаните со оглед на тоа што ден, по завршувањето на есенската кошничка, синдикалната кошничка се зголемила за 609 денари. Од таму најавуваат дека се во комуникација со Министерството за економија за креирање на нови мерки, но сепак се зависи од самите трговци дали се подготвени да покажат општествена одговорност. Владата треба да биде поригорозна со неправедните трговски практики и да изрекува казни.
Зекирја Хаџиу