
Иран на 22 ноември соопшти дека ќе започне со инсталирање на голем број „нови и напредни“ центрифуги како одговор на резолуцијата усвоена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите Нации, која ја критикува Исламската република за, како што вели, лошата соработка.
Резолуцијата, која доаѓа веднаш по враќањето на шефот на МААЕ, Рафаел Гроси од патувањето во Иран, наводно апелира дека е „суштинско и итно“ Техеран „да дејствува за да ги исполни своите законски обврски“.
Во заедничкото соопштение на иранското Министерство за надворешни работи и Агенцијата за атомска енергија се вели дека шефот за нуклеарна енергија Мохамад Ислами „издал наредба за преземање ефективни мерки, вклучително и лансирање на значителна серија нови и напредни центрифуги од различни типови“.
Иранското соопштение доаѓа откако одборот на МААЕ на 21 ноември издаде втора резолуција со која се осудува соработката на Техеран со агенцијата по слично предупредување во јуни.