Автобускиот сообраќај во Скопје е нормализиран, нафтата се испорачува постепено, велат од ЈСП

Сите автобуси што се во возна состојба денеска редовно сообраќаат, вели директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски.
Тој додава дека количините на нафта што од вчера се доставуваат во базните станици на претпријатието се доволни за да автобускиот сообраќај денеска биде нормализиран.
„Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат“, вели Кушовски во изјава за МИА.
Тој додава дека досега не се испорачани сите количини на нафта, туку дека тоа се прави сукцесивно.
Испораката на нафта од државните резерви почна од вчера попладне откако Владата на вонредна седница донесе одлука да се вклучи во решавање на проблемот.