Поттик за поголема меѓуинституционална соработка меѓу Обвинителството, антикорупциската комисија и државниот завод за ревизија
Поттик за поголема меѓуинституционална соработка меѓу Обвинителството, антикорупциската комисија и државниот завод за ревизија

Заедно со антикорупциската комисија и државниот завод за ревизија даваме заеднички одговор за сите кои ги злоупотребуваат јавните финансии, истакна денеска републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, зборувајќи на конференција на тема токму за поврзаноста на овие три институции во борбата против корупцијата. Во делот на заложбите на јавното обвинителство, Коцевски најави поопсежни истраги во иднина.
„ Во секој посериозен предмет, во кој е утврдена противправно стекната имотна корист, особено во предметите во кои постапува Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ќе се спроведува детална финансиска истрага, не само кон сторителите на кривичните дела туку и на сите со нив поврзани лица“, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител .
Според првиот човек на антикорупционерите, овие институции борбата против корупцијата мораат да ја водат здружено, бидејќи преку неа државата губи милијарди долари на годишно ниво.
„ Корупцијата, особено кога зборуваме за системска и длабоко инкорпорирана корупција го попречува секако развојот на општеството и неопходните инвестиции во инфраструктурата, образованието, здравјето и животната средина. Корупцијата секако дека ја плаќаме многу скапо, тоа се милијарди долари годишно, како пропуштени инвестиции кои значат и пропуштен развој на нашата дрѓава„ изјави Татјана Димитровска, претседател на ДКСК.
Денешната панел дискусија се одржа со цел да се изнесат ставови за подобрување на квалитетот на соработката во борбата против корупцијата меѓу овие три значајни институции, а настанот беше организиран од амбасадата на САД во земјава./Алсат.мк
Михаило Донев